Трговска марка или бренд. Што е поголемо?
Сите го познаваат терминот бренд или брендирање, но не многу знаат што точно тој термин опфаќа или како истиот настанал. Историчарите нѐ уверуваат дека брендирањето започнало изненадувачки многу порано пред современиот маркетинг, притоа поткрепувајќи ги своите тврдења со факти и податоци кои датираат од пред многу илјадници години. Тие наоѓаат смисла во тогашното брендирање преку човечката потреба за идентификација, разликување и градење доверба на она што го произведувале. Од периодите на Античкиот Египет и Месопотамија пронајдени се предмети, изработени од дрво и глина, кои на себе имале ознаки од врел железен жиг или симболи и букви, втиснати или издлабени во рачно изработените садови, но и во двата случаја, суштината била иста – производот да се означи, да се разликува од останатите, да се покаже чија сопственост е или во чија изработка.
Брендирањето започнало како обична ознака за сопственост, а денес е моќна психолошка и културна алатка. Во современиот свет, тоа е прашање на значење, репутација и врска — многу повеќе од само лого.
За да ја разбереме разликата помеѓу поимите трговска марка и бренд, прво мора да ја разбереме суштината на секој од нив и што тие значат. Иако често се користат како синоними, поимите трговска марка и бренд означуваат различни концепти.
Трговската марка е правна алатка која го заштитува знакот (логото, името, слоганот) со кој една компанија се идентификува, како и за заштита од неовластена употреба на истиот, од страна на некој друг. Тоа подразбира дека обезбедува ексклузивни права на нејзиниот сопственик односно носител, уверувајќи го дека никој друг на пазарот не може и нема право да ги користи истите или слични знаци, логоа, симболи.
Од друга страна, брендот е поширок и поапстрактен поим. Тој ја претставува вкупната слика и емоционалната врска што потрошувачите ја имаат со една компанија, односно тоа е перцепција на јавноста за една компанија, за производите и услугите кои таа ги нуди. Брендот ги изразува идентитетот, вредностите, репутацијата и грижата за корисниците на една компанија. Брендот се гради подолго време, со поддршка од сериозен маркетинг и интереакција со клиенти и потрошувачи, додека трговската марка е регистрирана пред институциите со цел да ги заштити овие елементи на брендот.
Кога трговската марка станува бренд? Трговската марка се развива во бренд преку континуирано и позитивно корисничко искуство, ефективен маркетинг, како и преку квалитетни продукти и услуги кои се нудат од страна на носителот на трговската марка. Иницијално, трговската марка служи како правен идентификатор. Со нејзина помош се разликуваат производите или услугите на едно правно или физичко лице од оние на другите. Таа претставува симбол на потекло, гаранција за квалитет и средство за градење доверба кај потрошувачите. Со текот на времето, трговската марка станува препознатлива и може да стекне значителна комерцијална вредност и да стане сериозен бренд на пазарот.
Трговските марки се значајни во создавањето и градењето на еден бренд, но брендот не претставува само трговска марка. Со други зборови, трговската марка е бренд, но брендот не е само трговска марка.
Елементи од кои е сочинета трговската марка се – право од интелектуална сопственост, специфичен збор, фраза или слика, механизам за спречување од забуни и правна заштита.
Брендот, пак, го сочинуваат следниве елементи – регистрирана трговска марка, дополнителни слогани, графикони и слики, продажни салони, содржина на тоа што се нуди, пакување, приказна на компанијата и репутација, присутност на социјални медиуми.
Како не би биле описите на овие поими апстрактни и како би се разбрале подобро, ќе ги разгледаме низ примери од нашето опкружување. Логото на Nike е препознатливо и единствено, но брендот Nike е многу повеќе од неговото лого – не асоцира на спортување и атлетство, инспирација и иновација како и на се она што се крие зад нивниот “Just do it” концепт. Доколку видиме жолти сводови кои се спојуваат во буквата М, тогаш веднаш знаеме дека во близина има Mc Donald’s. Жолтата буква М е доволна да знаеме што да очекуваме, за каков вкус и квалитет станува збор, независно во кој дел од светот се наоѓаме, квалитетот е насекаде ист, буквата М е доволна да влее доверба и сигурност или да разбуди спомени. Еден од најпрепознатливите примери денес е звучното лого на Netflix – оној краток, ритмичен звук “ta-dum”, што се слуша секојпат кога ќе се стартува нивна оригинална содржина. Иако е едноставно, тоа звучно лого стана силен бренд симбол. Тоа предизвикува чувство на очекување, квалитет и ексклузивност – потсетувајќи не само дека следи содржина од Netflix, туку и дека гледачот е дел од еден глобален, препознатлив медиумски универзум.
Постојат уште безброј примери кои би ни ја помогнеле да ја согледаме разликата помеѓу трговската марка и брендот, но независно за каков производ или услуга тие се однесуваат, суштината останува иста – трговската марка штити, а брендот комуницира, гради доверба и остава траен впечаток во свеста на потрошувачите.
Важно е да се знае разиката помеѓу овие два поими од повеќе причини. Доколку поседуваме само регистрирана трговска марка, но без дополнителни вложувања во нејзиното развивање, тогаш производот кој стои зад таа трговска марка, а кој ние треба да го понудиме, ќе се мачи да се пробие на пазарот и малку веројатно е дека ќе ја победи конкурекнцијата. Но од друга страна, доколку се фокусираме исклучиво на брендирањето и сите детали околу брендот, но не посветиме внимание на правната заштита на истиот, со таквото постапување оставаме простор на други компании да се пробијат на пазарот, нудејќи сличен производ, со заштитена трговска марка.
Со други зборови, трговската марка е она што може да се регистрира и заштити, а брендот е она што луѓето го чувствуваат и помнат. Јасната разлика помеѓу двете им помага на бизнисите да градат долгорочна вредност: правната заштита штити, а добриот бренд инспирира и поврзува.
Заклучокот кој се наметнува е дека разбирањето на разликите помеѓу овие два поими, нема да допринесе кон ништо друго туку кон поголеми шанси за успех на една компанија.
Затоа, не дозволувајте друг да го искористи тоа што Вие сте го создале – заштитете го вашето лого уште денес.
